Вечерва почнува второто издание на Т`к так фест
07-06-2013 РЕГИОН

Второто издание на „Т’к так фест“, посветен на починатиот рок-музичар, тапанар и композитор Трајко Каров, започнува вечера, а градот ќе живее со рок музиката и в сабота. Големиот настан е  на стадионот при спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци, со почеток во 20 часот. Двете фестивалски вечери ќе понудат атрактивни гости, кои со своите настапи повторно ќе ја вратат рокенрол-магијата на македонското небо.

Ќе настапат „Камелеон“, „Тоа е тоа“, „БТ Топ“, Сале и С.Р.В. бенд, а пред големиот концерт на „Токму така“, предводен од Бубо Каров, ќе го видиме и македонскиот рокер Канго. Канго е резервиран и за втората фестивалска вечер, но како водител на натпреварувачкиот дел во кој годинава ќе настапат „Ептен“, „Night Ride“, „Smoke Shakers“, „PM Band“, „Рок Банда“... Пред нив свој настап ќе имаат Ди Митров, Мелов и диџеј Були, а во периодот пред прогласување на победниците публиката ќе ужива во настапот на бендот „Визија“, за потоа паланчаните „Вертиго“ да го најават големиот концерт на ѕвездите на вечерта, македонската рок-атракција „Ареа“. Стадионот при спортскиот центар „Јасмин“ годинава ќе биде домаќин на македонските почитувачи на рокенрол-музиката, кои и годинава ќе имаат можност за кампување во посебно организиран кампинг-простор, кој ќе се наоѓа во рамки на самиот стадион. За крај, потсетување дека влезот за второто издание на „Т’к так фест“ на голема радост на сите љубители на рок-музиката ќе биде слободен. 



Share

Додади коментар